И пари и власт: Бекам му нуди на Меси да стане играч и ко-сопственик на Интер Мајами

Лионел Меси продолжува со настапите за ПСЖ во последните два месеци од договорот што го има со францускиот првак, а расте и неизвесноста околу неговата иднина во клубот. Шансите за останување се мали, јасно е дека желба на Меси е да се врати назад во Барселона, но финансиските проблеми на каталонците лесно можат да го урнат овој план на Аргентинецот.

Целата ситуација будно ја следи Дејвид Бекам, кој планира несекојдневен потег за да го убеди Меси да се приклучи на неговиот клуб, Интер Мајами во МЛС-лигата. Имено, Бекам покрај платата што е подготвен да му ја дава на аргентинскиот генијалец, му нуди на Меси и дел од сопственичкиот капитал во клубот, со што Лео по завршувањето на кариерата би бил дел од највисокото раководство на Интер Мајами.

Свесен дека не може да се носи со понудата од над 300 милиони евра по сезона на Ал Хилал, Бекам се обидува на ваков начин да го убеди Меси да му се приклучи во Мајами, формирајќи несекојдневно партнерство. Неофицијално, Лео би добил 20% од вкупните акции во клубот, но и би морал да се согласи на значително помала плата од онаа што му се нуди од Саудиска Арабија.

Како што стојат работите во моментов, Меси е подготвен да почека уште два до три месеци на раководството на Барселона, но доколку Лапорта не најде начин да го врати назад на „Камп Ноу“, тогаш понудата на Бекам ќе биде максимално интересна за Аргентинецот.

Се вчитува...