И Порто не ги заборави Александар Ставрев и Дејан Костадинов

На прекрасниот стадион „ Драгао“, во Порто, еден од најубавите во Европа нашиот најдобар фудбалски судија Александар Ставрев и еден од најдобрите асистент судии Дејан Костадинов, го отсудеа својот последен меѓународен меч во богатата судиска кариера.

На теренот, заедно со нив беа и вториот асистент судија Гоце Петрески и четвртиот судија Игор Стојчевски . Го судеа мечот од петтото коло во Лига на Европа меѓу португалскиот клуб Порто и данскиот Митлијанд кој заврши со победа на Порто со 3:0. Ставрев, кој е на меѓународната листа од 2006 година и кој има отсудено 149 меѓународни натпревари, по вторпат му судеше на Порто. Првпат тоа беше во Виена 2010 година кога Порто во групната фаза, истотака во Лига на Европа го победи Рапид со 3:1.

Интересно е дека и по вторпат му судеше и на Митлијанд. Во 2007 година, во Хернинг во Данска, беше главен судија на натпреварот во Купот на УЕФА меѓу Митлијанд и Хакен /5:2/¬. На Дејан Костадинов, кој е на меѓународната листа како асистент судија од 2012 година, во Порто му беше 103 меч на европската сцена. И двајцата, ја исполнија старосната граница за судење според правилата на ФИФА.

За своето досегашно судење Ставрев и Костадинов добија честитки и подароци од Порто. По завршувањето на натпреварот во судиската соблекувална дојде претседателот на клубот Андре Вилас Боас и на двајцата им подари прекрасен рачен часовник со амблемот на Порто и дрес со нивните имиња. За досегашната богата судиска кариера и успешната арбитража на мечот им честиташе и контролорот на судењето, поранешниот судија од Швајцарија Сирил Цимерман.

М.М

 

Се вчитува...