Македонските репрезентативци и покрај огромната желба не успеаја да дојдат до посакуваната победа над Казахстан во претпоследниот натпревар од квалификациите за СП 2026.
Ремито против Казахстанците на арената „Тодор Проески“ во Скопје, како потврда дека фудбалот секогаш со себе носи и тага, и радост…, во голема мера, на крајот, и ништо не значи околу резултатските амбиции на Македонија, ако се знае дека Белгија триумфираше на гостувањето против Велс во Кардиф и со натпревар повеќе за играње од македонската селекција веќе со сигурност е на пат до првото место во групата. Па, и при победа над Казахстан, за Македонија, се чини, ќе останеше повторно единствено битката со Велс во последното коло околу втората позиција на табелата.
И сега, со оваа бодовна ситуација, доколку Велс во следниот свој натпревар триумфира против Лихтенштајн, што е за очекување, тогаш во последното коло во директен дуел Велс и Македонија ќе одлучуваат за второто место во групата. А, со оглед на актуелната гол-разлика, се чини на Македонија ќе и е доволно и реми за да заврши на втората позиција.
Како и да е, Македонија и преку Лигата на нациите веќе има обезбедено, во 99%, бараж за пласман на Светското првенство 2026…, што и беше основната цел на националниот тим пред овој квалификациски циклус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА












































