Новото коло во Евролигата донесе и големо изненадување, откако Галатасарај по победата во Барселона зема скалп на уште еден шпански гигант, овојпат на Реал Мадрид (87-84). „Кралевите“ допатуваа како фаворити, домаќините беа без суспендираните Шилб и Прелџиќ, но и со преполовен состав Галата успеа да го изненади фаворитот. Реал се врати од двоцифрена негатива и со тројката на Керол поведе со 80-84 на две минути до крајот, но следеше фуриозна серија од 7-0 на домаќините со која турскиот прволигаш стигна до уште една значајна победа.
Остин Деј со 20 поени беше прв играч на Галата во големата победа, додека кај Реал одличен настап имаше Лука Дончиќ, кој реализираше 13 поени, осум скока и осум асистенции.
Црвена звезда стигна до уште една убедлива победа на домашен терен, овојпат против германскиот првак Брозе Бамберг со 74-60. Триумфот беше најавен со одличната прва четвртина во која гостите постигнаа само девет поени (17-9), предност што потоа константно ја зголемуваа. „Црвено-белите“ имаа најубедливи 25 поени, но потоа Германците со фантастична серија од 17-0 внесоа неизвесност во последната четвртина. Сепак, шампионот на АБА-лигата повторно одигра најдобро кога беше најпотребно, стигнувајќи до значајна победа и без помошта на Дангубиќ и на Јовиќ, кои поради повреда не му беа на располагање на тренерот Радоњиќ за оваа средба
Џенкинс со 18 и Симоновиќ со 13 поени беа најефикасни кај „црвено-белите“, додека прв стрелец на Брозе Бамберг беше Козер со 21 поен, единствен кај гостите со двоцифрен ефект.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА