И Рубин Казан со казна за Даку за неговиот испад по мечот со Хрватска (ФОТО)

Случајот „Даку“ денеска би требало да добие конечна разрешница. Според најавите, дисциплинската комисија на УЕФА се очекува да изрече суспензија за албанскиот репрезентативец Мирланд Даку, што ќе значи крај на неговиот настап на ЕВРО 2024, откако во прославата на ремито со Хрватска зеде мегафон во рацете и ги навредуваше Македонците и Србите.

Таквиот однос нема да мине неказнет од УЕФА, а денеска на со информација дека ќе добие дисциплинска и парична казна се огласи и неговиот клуб, рускиот Рубин Казан.

„Нашиот клуб е свесен за одговорноста за тоа што се случи. ФК Рубин претставува мултинационален тим и секогаш се придржува до принципите на почитување и еднаквост, категорично осудувајќи ја секоја форма на дискриминација и навреди на национална, верска или расна основа. По неговото враќање во клубот, против фудбалерот ќе бидат применети дисциплински и финансиски санкции“ – се вели во соопштението на рускиот тим.

Потегот на Даку наиде на осуда од голем број албански фудбалски личности и новинари од Албанија, а Албанската фудбалска федерација, се огласи со соопштение во кое го призна срамниот однос на својот репрезентативец опишувајќи го како „реакција на напната ситуација“.

Се вчитува...