По Филип Миркуловски, вечерва и вториот македонски интернационалец во Германија, Филип Талески, обезбеди учество на фајналфор турнирот од ракометниот куп на оваа земја.
Левиот бек со тимот на Рајн Некар Левен одигра импресивен натпревар на домашен терен против Лајпциг, триумфирајќи со 35-23, не дозволувајќи победата во ниту еден момент да биде доведена во прашање. Македонскиот интернационалец беше дел од стартниот тим на „лавовите“, но не успеа да се запише меѓу стрелците. За одбележување е дека на овој меч својот камбек на ракометните терени го имаше Швеѓанецот Ду Риц, кој ја продолжи кариерата по кратката пауза и нереализираниот план за пат околу светот.
Претходно, Миркуловски со Вецлар обезбеди пласман на фајналфор турнирот со победата над Штутгарт. Покрај Рајн Некар Левен и Вецлар, дел од Ф4 ќе биде и Хановер по вечерашниот триумф над Гепинген, а последен патник ќе биде победникот од четвртфиналната пресметка меѓу Фуксе Берлин и Магдебург.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА