Актуелниот директор на Македонската Кошаркарска Федерација, Владимир Темелковски, влегува во трка за претседател на куќата на кошарката. Темелковски за ривал во оваа трка ќе го има Перо Антиќ, а се поизвесно е дека актуелниот претседател Петар Наумоски воопшто нема да се кандидира за нов мандат.
„Сметам дека МКФ мора да се преструктуира, самите видовме дека опцијата со раководство на поранешни големи кошаркарски имиња не е гаранција дека истите тие ќе бидат успешни тренери или менаџери. Затоа сметам дека по успешниот пример на РФМ мора да дојде менаџерски тим кој што ќе направи промени во системот на функционирање на федерацијата, како и да донесе свежи лица кој што се способни да обезбедат подобри услови и повеќе финансии за полесно функционирање на кошарката. А кошаркарските легенди и работници ќе бидат дел од стручниот тим кој што ќе ја креира иднинската стратегија на кошарката но тие мора да бидат независни како и од влијание на клубови, така и од влијание на селектори. Реално во моментов има бројни проблеми, кои резултираа денеска и Комесарот за натпреварување да поднесе оставка “ – истакнува Темелковски.
Тој во изминатата година беше дел од раководството на федерацијата, воочувајќи неколку проблеми на кои би им посветил максимално внимание во наредниот период.
„Главниот проблем е едукацијата и посветеноста. Оваа година за прв пат се направи школа и систем за добивање на тренерска лиценца и за тоа е одговорен професорот Боро Даскаловски кој што неуморно работеше на начинот и на правилата кој што ќе ни донесат подобрување во тренерскиот систем. Пред ова лиценцирање се соочувавме со реален проблем да еден тренер води и по 5 генерации на деца што е непрофесионално и контрапродуктивно. Секако проблем ни е и инфраструктурата и премалку сали кој што ги исполнуваат се повисоките критериуми на ФИБА. За жал, тука проблемот не е ниту блиску до решение“ – вели Владимир Темелковски.
Репрезентативните успеси во изминатата година е нешто што треба да послужи како „отскочна даска“ и во периодот што следи.
„Како спортски директор секако сметам дека репрезентативната кошарка доживеа одлични успеси во изминативе две години. Во двата циклуса со сениорите каде што бев дел од тимот обезбедивме две први места и враќање во главните квалификации за Евробаскет 2021. Селекторот Давитков ја оправда довербата и не врати онаму како што сите знаевме дека припаѓаме. Исто така, селекцијата У16 за прв пат по десет години се пласираше во А дивизија и очекувам новиот селектор Дервишевиќ да обезбеди опстанок во истата“ – порачува директорот на МКФ.
Една од идеите на Темелковски е за експресно наоѓање на спонзор на лигата кој би покрил дел од трошоците на клубовите.
„На клупско ниво сметам дека ставот на федерацијата да ги оставиме клубовите сами да работат и ние немаме ингеренции врз нив треба да се промени. Ние сме должни на истите да им помогнеме и заедно да го трасираме патот кон клупскиот успех. Мора да работиме на едукација, како и на наоѓање на спонзор кој што ќе ги ослободи од трошоците за лигите“ – открива дел од своите планови кандидатот за претседател на МКФ.
Раководството на Работнички изнесе сериозни обвинувања и закани кон челниците на МКФ поради непочитување на актите донесени од Управниот Одбор.
„Ја подржувам иницијативата на секој клуб или член на МКФ кој што смета дека нешто треба да се промени или дека е нанесена некоја неправда. Доколку тоа се докаже лицата кој што го сториле тоа мораат да сносат одговорност, како пред органите на МКФ така и пред институциите на државата. Многу пати сум кажал дека ние сме во служба на кошарката, а ова не е ничија приватна сопственост. Мора да разбереме дека кошарката постоела и ќе постои и без нас, но на нас ни останува времето што сме таму да пробаме да оставиме подобра состојба за идните генерации“ – вели Темелковски.
Тој беше еден од најгласните поддржувачи на правилото за домашни играчи, но од сегашна перспектива не е најзадоволен од исходот.
„Бев еден од иницијаторите и спроведувачите на новото правило кое што им овозможи поголема шанса на младите кошаркари. Сега по речиси цела сезона мислам дека и тука треба повеќе едукација и можеби преформулирање на законот. Младите не смеат да спијат и да чекаат МКФ да направи правило кое ќе им обезбеди поголема минутажа. За неа треба да се спремни да се изборат и да работат макотрпно да ја заслужат таа шанса, а не да се жалат дека некој играл на 38 години или дека странците им го земале парчето леб. Во 21 век никој ништо нема да ти подари, треба да си способен за истото да работиш и да се избориш за шансата и истата да ја искористиш“ – порачува за крај Владимир Темелковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА