И тоа го има: Челси ќе плати пет милиони фунти, за да го врати Санчо назад во Јунајтед

Џејдон Санчо не успеа да ги импресионира Енцо Мареска и челниците на Челси за да го откупат неговиот договор со Манчестер Јунајтед, па крилниот офанзивец по истекот на позајмицата ќе се врати назад на „Олд Трафорд“. Она што е уште поинтересно, во договорот за позајмица имаше клаузула за задолжителен откуп за 25 милиони фунти, што лондонскиот клуб сепак реши да не ја активира.

Поради прекршувањето на оваа клаузула, Челси ќе му исплати на Манчестер Јунајтед „пенали“ во висина од пет милиони фунти, нешто што беше наведено во договорот меѓу клубовите доколку „сините“ се решат на ваков чекор.

Санчо одлично ја почна сезоната  во тимот на Челси, но како што одминуваше времето така и неговата минутажа во тимот се намалуваше. Иако успеа да постигне гол во финалето од Конференциската лига против Бетис, 25-годишниот офанзивец сепак не стори доволно за да ги убеди „сините“ да го откупат целосно неговиот договор со Јунајтед.

Тој сега се враќа назад на „Олд Трафорд“, но прашање е до кога, ако се знае дека Манчестер Јунајтед ќе се обиде да го продаде што поскоро, за Санчо да не биде дел од клубот кога ќе почнат подготовките за новата сезона.

Се вчитува...