И тоа го има: Јарни доби отказ во Хрватска затоа што навивал против Динамо Загреб

Роберт Јарни неочекувано доби отказ од функцијата селектор на репрезентацијата на Хрватска за фудбалери до 17 години, поради изјавата во која поранешниот лев бек на „коцкестите“ обелодени дека ќе навива против Динамо Загреб во двомечот со Бетис.

Инаку, Бетис е клуб за кој Јарни успешно настапуваше од 1995 до 1998 година и Хрватот не ги крие симпатиите кон тимот од Севилја, најавувајќи дека рутински ќе го мине Динамо и ќе се пласира во следната фаза од Конференциската Лига на УЕФА. Сепак, ваквите изјави на Јарни наидоа на жестоки критики од јавноста, по што Фудбалската Федерација на Хрватска реши да го раскине селекторскиот договор со него.

„Со едногласна одлука на Извршниот одбор, Роберт Јарни е разрешен од функцијата селектор на У17 репрезентацијата поради непримени изјави во медиумите. Ние како федерација го поддржуваме правото на секој поединец, вклучувајќи ги тука и нашите репрезентативци, да навива за секој клуб што сака, па дури и против хрватските клубови во Европа, иако таквите размислувања не ги сметаме за пожелни. Сепак, јасен е нашиот став дека за сите хрватски селектори постојат повисоки стандарди и непримерно е селектор на една наша селекција да навива против било кој клуб од нашата земја во европските натпреварувања. Нашите селектори имаат јасна задача да шират соработка, заедништво и меѓусебна доверба меѓу сите хрватски клубови, па затоа одлуката за разрешување на Јарни е исправна, за заштита на единството на хрватското фудбалско семејство“, се вели во соопштението на Хрватската Фудбалска Федерација.

Се вчитува...