Новак Ѓоковиќ во минатото често знаеше да се жали на слабите организации на турнирите, но доцна синоќа беше направен нов преседан – откако српскиот тенисер и неговиот противник Себастијан Корда одбија да излезат на терен за да го одиграат четвртфииналниот дуел од Мастерс-турнирот во Мајами.
Вината е кај организаторите, кои решија да ја згуснат програмата на централниот терен, закажувајќи пет меча од кои последен беше токму дуелот Ѓоковиќ – Корда. Ситуацијата се искомпликува откако Серундоло и Димитров играа три сета, а по нив истото го сторија и Радкукану и Пегула. Дуелот на тенисерките заврши во 23.30 часот, беше јасно дека дуелот Ѓоковиќ – Корда нема да стартува пред полноќ, но навивачите останаа разочарани откако официјалниот спикер соопшти дека мечот нема да се игра.
Прославениот Џим Куриер како водител на телевизијата “Tennis Channel” прв ја пренесе информацијата дека двајцата тенисери заеднички се договориле да не излезат на терен и го напуштиле комплексот, нешто што подоцна беше потврдено и од организаторот.
Правилата на АТП и ВТА се дека мечевите не смеат да почнат по 23 часот, освен ако супервизорот или менаџментот на турнирот не решат поинаку. Сепак, Ѓоковиќ и Корда решија овојпат тие да ги земат работите во свои раце, јасно ставајќи до знаење дека немаат намера да играат меч што треба да стартува по полноќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА