ЕКИПА на ЕП во Хрватска,
Билјана Б.Петрушева, Стеван Цаневски, Игор Паневски
Во вториот натпревар на ЕП во Хрватска, македонската репрезентација вечерва (20.30) во загрепска „Арена“ игра против Црна Гора. Во првото коло Македонија стигна до сензационална победа против Словенија (25-24), а Црногорците очекувано беа поразени од Германија (19-32). Ваквиот развој на настаните на Македонија и носи фаворитска улога во вечерашниот дуел дополнително поткрепена со поддршка од бројната „фаланга“ на трибините.
Сепак, и покрај добриот старт, селекторот Раул Гонзалес, предупредува дека мора со „ладни глави“ да се влезе во вечерашниот дуел во кој со евентуална победа, Македонија сигурно го заверува пласманот во следната фаза на ЕП со најмалку два бода.
„Знам дека Црна Гора сака да се фокусира на натпреварот против Македонија оти знаат дека имаат шанса ако одиграат добро. Ние победивме против Словенија на првиот меч, но мислам дека сега треба да го заборавиме тоа за да не мислиме дека ќе биде лесно во вториот меч. Мислам дека ќе биде многу тешко. Треба да уживаш кога имаш победа, нормално. Но, мислам дека ние сме добри, со „ладна глава“. Имаме почит кон противникот. Црна Гора има добри ракометари, играат во силни клубови – Липовина, Чавор, Мијатовиќ. Имаат добра репрезентација, имаат добра игра, имаат шанса“ – мирно резонира Раул Гонзалес.
Пред почетокот на натпреварот внимателен и максимално студиозен е и селекторот на Црна Гора, Драган Ѓукиќ. Како поранешен селектор на Македонија, Ѓукиќ добро ги познава играчите и тоа што ја очекува Црна Гора во вечерашниот дуел. Икао пред почетокот на ЕП, Ѓукиќ потенцираше дека Црна Гора шансата за победа ќе ја бара току против Македонија, сега е многу повнимателен во однос на прогнозите, но сепак нагласува дека Црногорците ќе се обидат да направат изненадување и токму на овој натпревар да дојдат до својата историска прва победа на европските првенства.
„Македонија на првиот натпревар покажа зрелост како репрезентација. Сега има поголема еуфорија по победата и сигурно зад себе ќе ја има и огромната поддршка од трибините. За нас нема да биде лесно за играње. Но, ние пред почетокот истакнавме дека ако во некој натпревар имаме некоја шанса, тоа е натпреварот со Македонија. Во ниеден момент не сме рекле дека ние сме фаворити. Македонија е изразит фаворит во овој натпревар и се освен победа на Македонија ќе биде изненадување. А, ние сакаме да направиме изненадување“ – истакнува Драган Ѓукиќ.
За вечерашниот дуел против Македонија, во составот на Црна Гора се враќа голманот Небојша Симиќ кој ќе биде еден од адутите на Ѓукиќ. Голманот на Мелсунген се повреди на тренинг пред стартот на ЕП, неколку дена паузираше, а не настапи ни на првиот натпревар против Германија.
Во македонскиот состав, нема измени во однос на првиот меч со Словенија. Неизвесна беше само ситуацијата со Филип Миркуловски кој на дуелот со Словенија го повреди зглобот, но според последните информаци од македонскиот табор, Миркуловски ќе биде во составот за вечерашниот меч.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА