И Вардар ќе го пречека Шкупи на „Борис Трајковски“ во Маџари

Откако беше објавена информацијата дека Националната Арена „Тодор Проески“ се затвора до мечот на Македонија со Италија, Работнички и Вардар мораа да бараат друго решение за прволигашките натпревари. Така Работнички својот меч против Шкупи во првото коло го одигра на стадионот „Борис Трајковски“, а на истиот терен против истиот противник ќе игра и Вардар во 2. коло.

Од таборот на „црвено-црните“ напоменаа дека се до отоворање на Арената, своите домашни натпревари ќе ги играат на „Борис Трајковски“.

„За жал, иако сите очекувавме враќањето на Вардар во ПМФЛ да биде крунисано со настап на Градскиот стадион во Скопје, домот и душата на клубот, сепак поради технички причини стадионот е затворен и ќе биде недостапен за користење, се до 09.09.2023, кога токму на овој стадион ќе биде одигран натпреварот помеѓу репрезентациите на Македонија и Италија.
До тогаш, нашиот Вардар домашните натпревари ќе ги игра на стадионот “Борис Трајковски” во населбата Маџари, кој иако не го исполнува посакуваниот капацитет, во моментов е единствено и неизбежно решение. Ќе се потрудиме на сите можни начини тој капацитет да биде зголемен, но за сето тоа ќе известиме наскоро“, велат од Вардар.
Од таборот на „црвено-црните“ упатија апел за фер и коректно навивање.

„Во недела играме важен натпревар, во недела игра Вардар. Апелираме до сите навивачи, пред се навремено да дојдат, да ја извршат размената на членските карти, а потоа и на стадионот да навиваат ферски и коректно – 90 минути за црвено – црните! Сега се зависи од нас, од нашата одлука. Комити, Вардарци – нема откажување! Полниот стадион во недела и поддршката од трибините, тоа ќе биде нешто најголемо оружје, наш најголем адут во натпреварот против екипата на Шкупи. Затоа купи членска карта и дојди!“, стои во соопштението. 

Се вчитува...