Најдобриот македонски фудбалер на Европското првенство во Полска, Енис Барди најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во еден од најдобрите унгарски клубови Видеотон. Сето тоа како резултат на амбициите на раководството на клубот од следната сезона да создаде тим кој ќе стигне до шампионската титула а потоа и до место во групите од Лигата на европските шампиони!
Но, она што е интересно околу целата трансфер сага поврзана со Енис Барди, а како што дознаваме од сигурни извори блиски до ФК Ујпешт, е пред се влијанието на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан околу преселбата на македонскиот репрезентативец од Ујпешт во Видеотон.
Виктор Орбан е еден од најголемите навивачи на Видеотон, клуб за кого дава нескриена поддршка веќе долго време. Токму под негово влијание, од 2010 година дел од најбагатите и највлијателни Унгарци се вклучија во финансирањето на клубот, како што е и Шандор Чани, првиот човек на унгарската ОТП банка и претседател на Унгарската фудбалска федерација. Сето тоа наидува на револт од страна на останатите унгарски клубови но, како што не информираат и нашите унгарски колеги, сето тоа малку ги засега раководните лица на клубот кои се цврсто решени во следните две сезони Видеотон да се избори за настап во групната фаза од Лигата на шампионите.
Според нашите информации, Барди има сериозна понуда од шпански Леванте, но сега може да пресуди влијанието на лица блиски до Виктор Орбан.. За сето тоа Ујпешт би добил и висока финансиска отштета а Барди средина во која дополнително би го засилил својот фудбалски развој. Јасно е дека и од финансиски аспект Видеотон е во предност за ангажман на Барди, затоа што и одлуката на клубот е оваа година дополнително да се „одврзи ќесето“ за сериозни засилувања.
Наредниве денови се очекува дефинитивно да бидат познати и деталите каде Барди ќе ја продолжи својата кариера. Единствено оставена е можност Барди да не продолжи во Видеотон, само доколку новиот менаџер на клубот Марко Николиќ се одлучи сепак во средниот ред да ангажира, како што најавува, звучно засилување од Србија.
Видеотон или Леванте ќе биде во секој случај идната фудбалска дестинација на Енис Барди!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА