И Воска Спорт реагира: Не сакаме да ни суди Стојчевски, ФФМ да ја промени одлуката

Охридскиот прволигаш Воска Спорт преку официјално соопштенија со реакција на делегирањето на Игор Стојчевски за главен судија на престојниот натпревар на нивниот тим против Работнички во 20. коло од Првата македонска фудбалска лига.

Од Воска Спорт, како што велат, бараат ФФМ да ја промени одлуката бидејќи во минатото ‘биле сведоци на сомнително однесување и одлуки од страна на именуваниот судија поради што изразуваат длабока резерва за неговото судење’.

Како што е познато, претходно, по минатонеделниот меч меѓу Вардар и Шкендија, и тетовци изразија незадоволство од судењето на Стојчевски на дуелот на арената „Тодор Проески“.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК ВОСКА СПОРТ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Воска спорт ја изразува својата загриженост во врска со одлуката на Фудбалската федерација на Македонија да го делегира Игор Стојчевски за главен судија на натпреварот од 20. коло против Работнички.

Со оглед на нашите досегашни искуства со овој судија, каде што бевме сведоци на сомнителни упатувања и одлуки кои не ја одразуваа правичноста на теренот, ја изразуваме нашата длабока резерва за неговото судење на овој натпревар. Фудбалот треба да остане спорт каде што резултатите се решаваат исклучиво од играта на теренот, а не од одлуките на други страни кои би можеле да влијаат на конечниот исход.

Во таа насока, ја повикуваме ФФМ сериозно да го разгледа ова прашање и да го смени главниот судија на овој дуел, со што ќе гарантира фер и непристрасно судење, како што налага духот на фер-плејот.

Ние како клуб ќе продолжиме да бидеме посветени на фер-плејот, барајќи сите тимови да бидат третирани подеднакво и професионално во домашниот шампионат.

Се вчитува...