И второлигашите активни: Победи на Еуромилк, Новаци…, порази на Вардар Неготино, Гостивар

И второлигашите, иако малку подоцна, стартуваа со своите активности во зимскиот подготвителен период пред почетокот на вториот дел од сезоната.

Првиот свој контролен натпревар за паузата го одигра и Еуромилк ГЛ кој во Кочани славеше на дуелот против Осогово со 1-0. Стрелец на единствениот погодок беше Илиевски.

ВАРДАР НЕГОТИНО ПОРАЗЕН ОД АМБИЦИОЗНИОТ ТРЕТОЛИГАШ КИТ-ГО

Вардар Неготино на натпреварот кој се играше на фудбалското игралиште со вештачка трева во Бело Брдо загуби со 3-2 од амбициозниот третолигаш Кит-Го предводен од искусниот стратег Трајче Сенев.

Стрелци на головите за Кит-Го беа Мартин Димовски во 5. минута, Андреј Симевски во 30. минута, и Никола Тонев во 44. минута од средбата. По убедливата предност од 3-0, фудбалерите на Вардар Неготино со два гола во 85. и во 87. минута, на Чаушев и на Велевски, само го ублажија поразот.

РОБЕРТ ТАСЕВСКИ ГО ЗАСИЛИ ТЕТЕКС

За вториот дел од сезоната, екипата на Тетекс ги засили своите редови со 22-годишниот фудбалер од средниот ред, Роберт Тасевски.

Тасевски изминатава полусезона беше дел од екипата на Тиквеш.

НОВАЦИ ПОДОБАР ОД ГОСТИВАР

За крај на своите подготовки во Струга, ФК Новаци на последниот пријателски натпревар славеше против Гостивар со 1-0.

Стрелец на единствениот гол за Новаци во триумфот против гостиварци беше Калевски.

Се вчитува...