Големите осцилации во формата на Пол Погба се причина францускиот ас повеќе да не биде приоритет за Реал Мадрид во пресрет на летниот преоден рок. Погба „флертуваше“ со Зинедин Зидан преку медиумите, францускиот стратег му возврати, но во меѓувреме плејмејкерот на Јунајтед одигра неколку слаби натпревари во серија. Згора на тоа, се повеќе се пишува и за влошениот однос меѓу Погба и новиот тренер Оле Гунар Солскјер, што во Реал Мадрид го посочуваат како сериозен потенцијален проблем што не сакаат да им се случи со играч што би го платиле над 100 милиони евра.
Флорентино Перез никогаш не бил фан на Погба, а претседателот во изминатите десетина дена успеал да го убеди и Зидан погледите да ги насочи кон други опции за средниот ред. Така, приоритет за „кралевите“ во моментов е Кристијан Ериксен од Тотенхем. Лондонскиот клуб не би сакал да го продаде Данецот, но од друга страна неговиот договор истекува за 12 месеци и на „спарси“ им е јасно дека сега би можеле да добијат околу 50 милиони фунти или да го загубат без никаква отштета на крајот од сезонава.
„Кралевите“ подготвуваат офанзива во наредниот период, за токму Ериксен да биде наследникот на Лука Модриќ, кому летово ќе му биде дозволено да си замине од „Сантијаго Бернабеу“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА