Атлетичарките кои имаат зголемено ниво на тестостерон, како двојната олимписка шампионка на 800 метри, Кастер Семења, ќе мора да го намалат нивото на овој хормон за да може да учествуваат во трките од 400 метри до 1.500 метри, во спротивно тие ќе настапуваат во машка конкуренција, објави Меѓународната атлетска федерација (ИААФ).
Според новите правила на ИААФ кои треба да стапат на сила од 1 декември годинава, одредени атлетичарки со природно високо ниво на тестостерон, ќе мора да се натпреваруваат во трките во машка конкуренција или ќе мора да ги сменат дисциплините во кои се натпреваруваат, освен ако не земаат лекови за намалување и не го намалат тестостеронот.
Од ИААФ трвдат дека на тој начин сакаат да ги спречат атлетичарките со покачено ниво на тестостерон да имаат предност во натпреварите со другите атлетичарки. Според правилата, овие атлетичарки ќе мора да го спуштат нивото на хормонот за шест месеци користејќи лекови и ќе мора да го одржуваат тоа намалено ниво за да можат да се натпреваруваат.
Така, Кастер Семеља ќе мора секојдневно да зема лекови или во иднина ќе треба да се натпреварува во трките на 5.000 метри. Неодамна атлетичарката од Јужна Африка победи во трките на 800 и на 1.500 метри на Игрите на Комонвелтот во Австралија и тогаш изјави дека би можела да се префрли на подолгите делници.
Атлетичарките кои не сакаат да земаат лекови, според новите правила на ИААФ ќе може да учествуваат на меѓународни натпревари, освен во дисциплините од 400 до 1.500 метри, на сите натпреварувања кои не се меѓународни, како и на сите натпреварувања во машка конкуренција, на било кое ниво и во било која дисциплина.
Од ИААФ инсистираат на тоа дека со новите правила сакаат „да ја сочуваат еднаквоста во атлетските натпреварувања“ и дека „единствена цел на ова правило е да се гарантира праведно и примерно натпреварување во женска конкуренција во полза на сите атлетичарки“.
„Ова правило нема за цел на било кој начин некој да се осудува или да се доведува во прашање полот или сексуалниот идентитет на било кој спортист“ – стои во известувањето од ИААФ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА