Златан Ибрахимовиќ ги отвора вратите за враќање во репрезентацијата на Шведска. Искусниот голгетер пред 17 месеци одлучи да стави крај на репрезентативната кариера, но во меѓувреме Шведска обезбеди сензационален пласман за мундијалот елиминирајќи ја Италија во бараж, а на само три месеци пред почетокот на СП во Русија, Ибра истакна дека би сакал да помогне на својата земја да има успешен настап.
„Секако дека ми недостасува репрезентацијата, 15 години гордо го носев дресот на Шведска. Сметам дека можам многу да допринесам, ако сите го дадат максимумот, можеме да стигнеме далеку на СП. Но, не се прашувам само јас, ќе играм доколку ме повикаат и доколку сметаат дека можам да им помогнам“, вели Ибрахимовиќ.
Доколку Златан се врати во редовите на националниот состав, ќе има можност да настапи на своето трето Светско првенство во кариерата. На мундијалска трева претходно играше во 2002 и во 2006 година. За Шведска севкупно одигра 116 натпревари на кои постигна 62 погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА