Златан Ибрахимовиќ би можел да го напушти Манчестер јунајтед по завршувањето на оваа сезона и да се пресели во редовите на Наполи. Ова го соопшти неговиот агент Мино Раиола, кој откри дека Ибракадабра отсекогаш бил импресиониран од страста што ја покажуваат „наполитанците“ кон својот клуб.
„Ибрахимовиќ отсекогаш бил вљубен во Наполи и страста што ја чувствуваат „наполитанците“ кон својот клуб. Тој никогаш не го криел тоа, дури и кога настапувал за други клубови, а со Златан никогаш не се знае. Претседателот Де Лаурентис добро го знае овој податок, а со Златан никогаш не се знае, не би отпишал негова преселба во Неапол по завршувањето на сезонава“ – изјави Раиола.
Ибрахимовиќ има договор со Манчестер јунајтед до крајот на оваа сезона. „Црвените ѓаволи“ не кријат дека сакаат да го задржат шведскиот голгетер уште најмалку една година, но Златан е разочаран од слабите резултати поради кои може да се случи тимот воопшто да не се пласира во Лигата на шампионите, па сега ги разгледува сите опции за продолжување на кариерата.
Доколку навистина се пресели во Наполи, Ибрахимовиќ ќе се обиде да стигне до скудетото со четири различни екипи во Серија А, откако тоа му успеа како член на Јувентус, Интер и Милан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА