Чаир 2030 и Тиквеш одиграа драматичен натпревар за крај на 15. коло во Суперлигата по која на триумф од 77-76 се радуваа чаирчани благодарние на Таулант Ибраими кој ги постигна последните пет поени за својот тим.
Домаќините одлично го започнаа натпреварот и веќе во првата четвртина беа блиску до двоцифрена предност (17-9), но како што одминуваа првите 10. минута гостите успеаја да се вратат во игра и да изедначат за 22-22. Тиквеш успеа и да поведе со минимални 26-27 во втората четвртина, но Чаир повторно ја врати контролата на своја страна и овој пат ја задржа предноста за 43-37 на полувремето.
Серијата од 5-0 на стартот на второто полувреме донесе и двоцифрена предност за чаирчани (48-37), но и овој пат избраниците на Рамадани не ја задржаа истата. Тиквеш се врати во игра до крајот на третата четвртина (58-56) и наговести нова драматична завршница.
На минута пред крајот на средбата Тиквеш поведе со 72-74, но веќе во следниот напад Ибраими со обид за три поени ја врати предноста за својот тим (75-74), а по реализираните слободни фрлања на Парсонс ги постигна и поените за конечен резултат со навремен продор под рекетот.
Последниот обид на средбата го имаа гостите, но Хокинс не реализираше во својот обид за три поени со звукот на сирената.
Со 24 поени и 14 скокови Билингсли беше лидер на Чаир, додека Тачи постигна 17 поени. Со 20 поени Минси беше лидер на Тиквеш.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

