Шкендија ја продолжи победничката серија во ПМФЛ, откако во 20. коло на свој терен денеска ја совлада екипата на Пелистер со 2:1. Херој на тетовци беше искусниот Бесарт Ибраими, кој после негативата, постигна два гола, и така донесе три бода за тетовските „црвено-црни“.
Уште во 7. минута Спировски донесе предност за Пелистер. Откако по нафрлена топка од корнер, Спировски се најде на вистинско место, и успеа да го совлада Гаје. Голот беше првично поништен поради офсајд, но потоа признат откако се увиде дека задоцни Мурати.
Веднаш потоа Шкендија ја погоди пречката по ударот на Љатифи, а во 21. минута Бесарт Ибраими го постигна првиот гол. Вебстер нафрли од корнер на првиот дирек, каде што Ибраими стигна пред голманот Јовчевски до топката и со глава ја спроведе во мрежата.
До крајот на полувремето шанса за водство имаше Пелистер, меѓутоа Михајло Петровиќ шутираше само над голот.
Во вториот дел имаше малку шанси, а Шкендија тргна да прави пресврт, и успеа во тоа во 64. минута од средбата. Акцијата од левата страна и топка до Ибраими кој од прва го совлада Јовчевски и успеа да донесе три бода.
Ова беше одличен вовед на Шкендија пред дербито со Вардар на гостински терен. Сега разликата помеѓу овие два тима е четири бода, и во четврток не’ очекува вистинско дерби за титулата во ПМФЛ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

