Ибраими погоди, а Шкендија можеше и поубедливо против Шериф

Македонскиот првак Шкендија со триумф од 1-0 ќе патува за Молдавија на реванш мечот против Шериф Тираспол, во рамките на второто квалификациско коло од Лигата на шампионите. Бесарт Ибраими од слободен удар во 24.минута успеа да го постигне победничкиот погодок за Шкендија на овој дуел.

Првата закана ја имаше Мурати во шестата минута, кога продре по десната страна, но шутираше крај десниот дирек. Шкендија имаше иницијатива и во продолжението, и успеа да стигне до водство. Бесарт Ибраими во 24.минута на фантастичен начин изведе слободен удар и ја затресе мрежата на Шериф Тираспол.

Во 36.минута, Жуниор беше во одлична шанса, излезе сам пред голманот на Шериф, шутираше, но во последен момент опасноста ја расчисти еден одбранбен фудбалер на гостите.

Само пет минути подоцна, Селмани центрираше,а Жуниор со удар со глава од пеналтикот го погоди дирекот од голот на Шериф.

На крајот од првиот дел, идеална можност за гостите, но за среќа, не беше реализирана.

Бесарт Ибраими имаше голема шанса за водство од 2-0 во 47.минута. Шутираше од десетина метри, но голманот на гостите, Звонимир Микулиќ извонредно интервенираше.

Шериф Тираспол беше блиску до израмнување во 60.минута. Рефик Капиќ шутираше од 12 метри, но Заков успеа да интервенира и да го спаси својот гол.

Во завршницата, Емини испрати одличен удар од 25 метри, но Микулиќ со крајни напори го спаси својот гол. Но, опасно беше и на спротивната страна, по шутот на Палиќ.

ВТОРО КВАЛИФИКАЦИСКО КОЛО ОД ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

ШКЕНДИЈА – ШЕРИФ ТИРАСПОЛ 1-0 (1-0)

Арена „Филип Втори“. Гледачи: 5.000. Судија: Кристоферсен (Данска). Стрелец: Ибраими 24’ (Шкендија). Ж. Картони: Жуниор, Мурати (Шкендија).

ШКЕНДИЈА: Захов, Бејтулаи, Адили, Муслиу, Мурати, Алими, Тотре (76’ Таипи), Жуниор, Емини (86’ Чешмеџиев), Селмани (65’ Шефити), Ибраими.

ШЕРИФ: Микулиќ, Сушиќ, Посмац, Кулушиќ, Кристијано, Капиќ (80’ Родригез), Палиќ, Кендиш, Бадибанга, Камара (73’ Боичук), Жоалисон (88’ Оанчеа).

Се вчитува...