Шкендија утре гостува на Шкупи во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига, во еден од највозбудливите натпревари во шампионатот кој секогаш носи силен ривалитет меѓу двете екипи.
Повратникот во редовите на Шкендија, најдобриот стрелец во историјата на македонскиот фудбал, Бесарт Ибраими, верува дека ќе биде максимално коректен и интересе дуел.
„Атмосферата во нашиот тим е навистина многу добра, имавме мини подготвителна фаза на двонеделната пауза и максимално се подготвивме за овој натпревар. По враќањето во Шкендија, среќен сум што повторно ќе уживам во овој натпревар. Се надевам дека братските односи со овој клуб уште повеќе ќе се зацврстат, верувам дека ќе имаме најдобар дочек и на ист начин ќе возвратиме“ – вели Ибраими и дополнува:
„Тоа е дерби и како такво има свој притисок. Максимално го респектираме скопскиот тим, но ќе дадеме се од себе и се надевам дека ќе дојдеме до позитивен резултат“.
Ибраими не крие дека Шкендија ќе атакува на трите бода.
„Секогаш целиме кон победа. Важно е да дадеме максимум и тогаш теренот ќе покаже колку сме заслужиле. Ме радува формата на Фитон Адеми. Посебно задоволство ми е кога гледам дека можам да помогнам и да придонесам младите да се развиваат“ – вели Ибраими.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА