Екипата на Шкендија утре ќе отпатува за Азербејџан, каде тетовци в четврток ќе се сретнат со Сумгајт во рамките од квалификациите за Лигата на Европа. Најдобриот напаѓач на „црвено-црните“, Бесарт Ибраими е опимистички расположен, убеден дека неговиот тим ќе успее да го елиминира Сумгајт и да се пласира во следната рунда од оваа европска авантура.
„Патуваме за Азербејџан со максимална мотивација, веруваме дека сме доволно силни да ја минеме оваа рунда. Секако, нема да ни биде лесно бидејќи секој натпревар носи потешкотии. Сепак, верувам дека имаме квалитет за да одиграме на високо ниво и да дојдеме до резултатот што го посакуваме и да го освоиме Азербејџан“, истакна Ибраими.
Тој се надева дека конечно ќе влезе во голгетерски ритам откако се соочи со проблеми со неефикасноста во изминатиот период.
„Живееме во тешки времиња, не само на фудбалски план, туку севкупно гледано низ целиот свет. Пандемијата создава проблеми и потребно е време за да се вратиме во нормала. Јас лично чувствувам проблеми при моите настапи, но верувам дека со напорна работа ќе влезам во ритам. Голот на последниот меч со Македонија ЃП ми ја зголемува самодовербата и ми е мотив повеќе и пред дуелот со Сумгајт“, порачува голгетерот на тетовци.
Тетовци ќе бидат значајно ослабени за овој натпревар бидејќи ќе недостига Алими, кој останува во Македонија откако беше позитивен на последното тестирање на Covid-19.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА