Бесарт Ибраими е најзаслужен што Шкендија ги мина ТНС и Шериф во претходните две квалификациски кола, постигнувајќи пет од вкупно шесте погодоци на македонскиот првак во првите четири европски натпревари. Тој ќе биде предводник на тетовските „црвено-црни“ и на денешниот дуел против Салцбург, на кој според Ибраими неговиот тим ќе мора да најде начин да го совлада домашниот голман ако сака да си ги зголеми шансите за пласман во наредната рунда.
„Секако дека Салцбург е фаворит, тоа е многу квалитетен тим, но името на противникот не ја менува нашата желба да одиграме најдобро што можеме. Ако го сториме тоа можеме да дојдеме до позитивен резултат, а според мене многу е важно да дадеме гол во Австрија. Тоа би бил голем чекор напред во битката за следната фаза, бидејќи знаеме дека клучната битка во секој случај ќе се води во Скопје“ – изјави Бесарт Ибраими во пресрет на денешниот дуел.
Само за потсетување, овој одличен офанзивец постигна четири погодоци во победата од 5-0 на домашен терен над ТНС, а потоа беше и стрелец на единствениот погодок на двомечот против Шериф, со кој Шкендија се пласираше во третата квалификациска рунда за Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА