Дебитантот Бутел е најпријатното изненадување во есенскиот дел од ракометната Супер Лига. Скопскиот тим под палката на поранешниот македонски репрезентативец, Игор Котевски, ја игра својата дебитантска сезона во Супер лигата и моментно е на втората позиција на табелата со само два порази во 11 одиграни натпревари и со девет победи од кои пет во серија во последните пет кола.
Сезонава Бутел дома загуби само од лидерот Еурофарм Работник (18-23) во мечот што ја разбранува јавноста по позитивниот допинг тест во битолскиот тим, а првиот пораз им беше од Охрид во гости (28-24) на почетокот од сезоната. На охриѓани им се реваншираа минатиот викенд и тоа „со камата“ (23-15).
Бутел минатата сезона супериорно се прошета во Првата лига, а таа доминација продолжи и во Супер лигата. За некои неочекувано, но не и за Игор Котевски.
„Многумина не веруваа, некои дури ми велеа да бидеме среќни ако завршиме петти. Но, ние еве сме втори веднаш зад Еурофарм. За прва сезона во Супер лигата, ова е повеќе од одличен резултат за нас. Добро го сложивме составот, има добра хемија во тимот и голем ентузијазам дури и кај најискусните играчи. Зад нас стои стабилен спонзор од кого имаме максимална поддршка и голема доверба, без никаков притисок. Играме со сите, и со Охрид и со Еурофарм, ќе играме и со Вардар кога ќе дојде. За мене секогаш најважно е да одиграме добро. Посебно да играме добра одбрана. Нападот тогаш се надополнува и тоа носи победа“ – истакнува Игор Котевски.
Следно за Бутел е гостувањето кај Пелистер в недела. За Котевски како битолчанец дуелот против Пелистер и против својот поранешен тренер, Јошко Петковиќ ќе биде посебен предизвик. Но, целта секако, останува да се продолжи победничката серија.
„Јошко навремето ми беше тренер во Борец, се знаеме со години и ден-денес сме во добри односи. Но, во недела сме противници и верувам дека секој ќе се бори да победи. Имавме исцрпувачки натпревар со Охрид, многу дуели, исклучувања, сепак, верувам дека до недела ќе бидеме фит и подготвени за пресметката со Пелистер“ – вели Котевски.
По успешниот старт, целта на Бутел е да се задржи втората позиција и успешната серија да продолжи и во плеј-офот.
„Целта ни е да го задржиме второто место зад Еурофарм Работник. Во плеј-офот ќе се обидеме да избориме пласман во европските купови и со тоа да ја заокружиме оваа сезона“ – истакнува тренерот на Бутел.
Подолгорочно, плановите се да се задржи хемијата и тимот во овој состав и континуитетот и во наредната сезона.
„Имам добар тим и ќе настојувам да задржам барем 90 проценти од составот и за следната сезона. Може слободно да кажам дека ги имам најдобрите крила во лигата во Мојсовски и Мајиќ, го имам Печенковски, имам одлични голмани и тим што функционира одлично. Може да донесеме најмногу 1-2 засилувња за следната сезона и да продолжиме напред“ – вели Игор Котевски за идните планови на РК Бутел.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА