Игор Стојчевски ќе суди на Малта, Ива Пројковска во Италија, Качевски во Унгарија

По нашиот најдобар фудбалски судија, интернационалецот Александар Ставрев, кој на 9. јули го судеше мечот во Малта во првото квалификационо коло во Лигата на шампионите меѓу Хамрун и Линколн од Гибралтар /0:1/, и Игор Стојчевски на 18 јули ќе суди на Малта. Тој ќе биде главен судија на реванш мечот од првото квалификационо коло на Конференциската лига меѓу домашниот клуб Марсакслок и Партизани од Тирана. Ќе му помагаат Куштрим Лика и Даниел Василевски, четврти судија ќе биде Марјан Дејановски, наместо Александар Груевски кој откажа. Првиот меч заврши без победник 1:1

Без ангажман од страна на Судиската комисија на УЕФА не остана и нашиот најдобар женски судија, интернационалката Ива Пројковска, која ќе биде главен судија на квалификациониот натпревар за настап на Европското првенство меѓу Италија и Финска. Средбата се игра на 16 јули во Болцано. Ќе и помагаат Вјолца Изеири и Елена Соклевска-Илиевски. Четврти судија ќе биде Марјан Дејановски. Овој меч одлучува за второто место во групата. Еве ја табелата: Холандија 8, Норвешка 6, Италија 6, Финска 5 бода.

Откако беше четврти судија на мечот од Конференциската лига меѓу Хамрун и Линколн на 9 јули на Малта, Јован Качевски ќе биде главен судија на реванш натпреварот од Конференциската лига меѓу Ислок /Белорусија/ и Ла Фиорта од Сан Марино/1:0/ што ќе се игра  на 18 јули  во Унгарија од безбедносни причини поради ситуацијата во  Белорусија. Ќе  му помагаат Бранко Путилин и Гоце Петрески. Четврти судија ќе биде Ива Пројковска.  Интересно е да се напише дека Марјан Дејановски, веднаш по мечот Италија – Финска, патува за Малта, додека Ива Пројковска од Болцано ќе отпатува за Унгарија.

Во првото квалификационо коло во Конференциската лига беше ангажиран и претседателот на Судискиот одбор на Фудбалската федерација на Македонија Димитар Мечкаровски . Тој во Љубљана го контролираше судењето на мечот меѓу  Браво /Словенија/ и  Конакс Ивеј од Велс /0:1/.

М.М.

Се вчитува...