Милан во новата сезона во Серија А влезе со победа, две нерешени и еден пораз. Дополнително поразот од 1-3 од Ливерпул на стартот од Лигата на шампионите, не е изненадување што италијанските медиуми почнуваат да шпекулираат за евентуален отказ на тренерот Пауло Фонсека. Во исто време се разговара за неговите потенцијални наследници, а меѓу имињата се споменува и Игор Тудор.
Иако Тудор не е главен кандидат за функцијата, тој ја ужива поддршката на клупската легенда Златан Ибрахимовиќ. Славниот Швеѓанец, кој минатата сезона ја заврши својата играчка кариера во Милан, сега ја има улогата на специјален советник за спортски прашања во клубот и наводно го фаворизира Тудор.
Ибрахимовиќ како специјален советник во Милан ја користи својата позиција за да ги искаже своите лични мислења за клучните позиции во клубот, вклучително и тренерската. Според италијанските медиуми, во случај на отказ на Фонсека, тој го гледа Тудор како идеален кандидат за заживување на тимот и враќање на старите патеки на славата.
Ибрахимовиќ и Тудор се познаваат од заедничките денови во Јувентус, а Швеѓанецот го цени поради неговиот карактер и стручност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА