Игор Тудор сам одлучил да го напушти Лацио

Хрватскиот фудбалски стратег Игор Тудор поднесе оставка од функцијата тренер на римски Лацио, само три месеци откако го наследи Маурицио Сари, објавија во средата вечерта сите италијански медиуми.

Италијанските медиуми со денови пишуваат како челниците на римскиот клуб и Тудор не можат да се договорат за многу прашања за играчите, персоналот и клупската политика во иднина. Затоа се пишуваше дека клупските челници ќе го заменат Тудор, но 46-годишниот хрватски тренер го претрка официјалниот став на клубот и самиот си замина од Рим.

Италијанските медиуми пренесуваат дека Тудор во петок ќе одржи прес-конференција на која ќе ја објасни својата одлука. Со Лацио, Тудор ја заврши сезоната на седмото место во поредокот во Серија А, со што обезбеди настап во Лига Европа следната сезона. Лацио играше и во полуфиналето на Купот на Италија каде беше поразен од Јувентус.

За Тудор Лацио беше третиот италијански клуб со кој раководеше во кариерата. Два пати беше тренер на Удинезе, а еднаш на Верона. Пред Лацио, тој го водеше францускиот Олимпик Марсеј.

Се вчитува...