ЕКИПА во Брест,
Томас Ѓоргиевски
Игор Вори, на почетокот на сезоната се врати во редовите на ППД Загреб и за прв пат во својата кариера ќе го предводи хрватскиот тим на завршниот турнир во регионалната СЕХА лига. Во најавата пред утрешното полуфинале со Вардар, искусниот пикер на ППД Загреб, вели дека очекува „машки“ натпревар со силно мотивиран противник.
„Сигурно дека немаме лесен противник во полуфиналето на овој турнир, на кој всушност и нема лесни противници. Ние годинава имаме една победа против Вардар, но тој натпревар не значи ништо. Сигурно дека Вардар ќе биде многу мотивиран по тој пораз и по поразот од Металург во домашната лига. Очекувам еден вистински, „машки“ натпревар, не очекувам некои посебни изненадувања што се однесува до тактичкиот дел. Ние сме подготвени, па ќе видиме како ќе биде“ – истакна Игор Вори по пристигнувањето во Брест.
За пикерот на ППД Загреб ова ќе биде прв настап на Ф4 во СЕХА лигата, кој како што вели, организациски може рамноправно да се носи и со Ф4 турнирот во Лигата на шампионите.
„Јас сум прв пат на фајналфор турнирот во СЕХА лигата. Убаво е да се игра пред полни трибини, посебно на вакви турнири. Квалитетот на СЕХА лигата од година во година е на се повисоко ниво и мислам дека дури и се приближува до Ф4 во Лигата на шампионите. Тоа е навистина убаво и посакувам да остане така и во наредните сезони или да биде уште подобро ако е тоа воопшто можно“ – порача пикерот на ППД Загреб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА