Игра за заборав, но се бројат победите: Македонија се мачеше, но го скрши отпорот на Естонија

Македонија со победа ги стартуваше квалификациите за ЕП 2026, триумфирајќи на вечерашниот домашен дуел со Естонија со резултат 37-33. Се очекуваше многу полеен триумф на нашите ракометари, но слабата одбрана и 20-те примени гола во првото полувреме ја искомпликува задачата за селекторот Лазаров и неговите избраници. За среќа, се разбудивме по неговиот тајмаут при „минус два“, експресно направивме пресврт и потоа рутински го приведовме мечот до крај, но текот на натпреварот мора да биде јасно предупредување за сите средби во иднина, дека мора да се игра максимално во ите 60 минути,

Мечот го почнавме фуриозно преку Павле Атанасијевиќ, кој постигна гол за 1-0, а потоа имаше и два изнудени седмерци и едно исклучување. Филип Кузмановски исто така беше расположен, постигнувајќи пет гола во првите шест минути од дуелот и носејќи предност од 6-3. Нападот беше на ниво. Естонците играа грубо во одбрана и добиваа исклучувања (шест во првото полувреме), но проблемот лежеше во нашата одбрана. Делувавме без енергија, оставивме отворени шутеви на противникот, а голманите Кизиќ и Томовски исто така немаа свој ден, па во првото полувреме немаа ниту една единствена интервенција.

Двете промашени чисти ситуации на Пешевски и Петар Атанасијевиќ како да им дадоа дополнителен импулс на гостите, кои продолжија со ефикасна игра, најпрвин се приближија на само еден гол негатива, а потоа пред самиот крај на полувремето и стигнаа до израмнување (19-19, на пауза 20-20).

Кизиќ се врати на голот на стартот од второто полувреме, но кризата во одбраната продолжи,па Естонија со гол од атрактивен цепелин поведе со 22-23 во 35. минута од мечот. Македонија првото исклучување на мечот го доби во 36. минута (Стојковиќ), а Кизиќ првата одбрана ја имаше во 38.минута, кога истрча и спречи гол во празна мрежа при водство на противникот од 24-25. Лоша вест беше што се разбрани естонскиот голман, па гостите во 40. минута стигнаа и до два гола предност (24-26).

Нападот веќе не функционираше, Кизиќ со нови две одбрани помогна гостите да не се одлепат уште повеќе, но Лазаров виде дека мора да реагира и повика тајмаут.  Советите вродија со плод, па за нецела минута преку Серафимов и Џонов израмнивме на 26-26. Кизиќ влезе во ритам, одбрани нов зицер, а Џонов даде уште еден гол од полуконтра и при водство на Македонија од 28-27 естонскиот селектор побара тајмаут. Серафимов постигна три гола во серија кога беше најважно и Македонија повторно се одлепи на „плус три“ (31-28). Естонците не делуваа веќе така сигурно во нападот, промашија и пенал, а „црвено-жолтите“ поведоа со пет гола (34-29).

Следеше период на наши слаби реализации (промашен пенал и зицер), Естонија го искористи тоа и намали на 34-31, за мини-серијата на противникот да ја прекине Џонов со гол од крило. Серафимов промаши пенал при 35-32, но десниот бек погоди во последната минута за 37-33, резултат со кој на крајот заврши овој натпревар.

Мартин Серафимов со десет гола беше прв стрелец на Македонија, по седум постигнаа Митев и Кузмановски, а по три пати прецизни беа Џонов и Петковски.

Едно е сигурно, Македонија ќе мора да игра на многу повисоко ниво в недела против Литванија ако сака да слави на ова гостување и да си ги зголеми шансите за пласман на ЕП 2026.

Се вчитува...