Играчите го спасија тренерот: Максвитис останува на чело на Жалгирис

Казис Максвитис ќе остане на чело на Жалгирис откако раководството на литванскиот гигант донесе одлука да го замени овој стручњак, но потоа се премисли по реакцијата на кошаркарите кои цврсто застанаа на страната на тренерот, самите преземајќи ја одговорноста за слабите резултати во последните дваесетина дена.

Убедливиот пораз на домашен терен од Партизан го запали алармот во Жалгирис, па челниците на клубот не само што донесоа одлука за смена, туку и веќе начелно се договорија со Андреа Тринкиери за италијанскиот стручњак да потпише договор на една и пол сезона. Проблемот настанал кога за оваа одлука биле известени кошаркарите, кои јасно ставиле до знаење што мислат на темата околу иднината на Максвитис.

Сите играчи, од прв до последен, гласно говореле за тренерот да остане, по што челниците на клубот се премислиле и решиле да дадат уште една шанса за овој стручњак да ја прекине серијата слаби резултати.

„Постоеја многу шпекулации по синоќешниот натпревар, затоа вака јавно известуваме дека нашиот тренер Казис Максвитис има целосна доверба од клубот и ќе продолжи да ја води екипата“, се вели во клупското соопштение на Жалгирис.

Се вчитува...