Македонија игра одлично прво полуреме во кое има само еден гол негатива во однос на Германија (11-12). Нашите ракометари во меч со осцилации имаа „плус три“, потоа и „минус три“, но покажуваат квалитет пред се во одбраната со кој можат да му ги замрсат сметките на актуелниот европски првак. Во вториот дел неопходно е во ритам да влезе Кире Лазаров, кој има само два гола од осум обиди, под нивото е и Георгиевски со 0/3 за триесет минути игра, а во нападот најефикасен е Талески со три погодоци.
Раул Гонзалес тргна да се коцка од почеток со „седум на шест“, но веќе во првата акција беше казнет, па Тобијас Рајхман постигна гол од својата половина. Експресно возвративме за водство од 2-1 преку Пешевски и Кузмановски, додека одбраната 5-1 со Манасков како најистурен вроди со плод во првите неколку минути. Германците беа збунети, а Македонија го искористи тоа и по осум минути игра поведе со 5-2.
При овој резултат Волф му одбрани два шута на Георгиевски, германскиот голман му одбрани шут и на Лазаров кога имавме играч повеќе, но одбраната беше одлична, па на половина од полувремето повторно имавме плус три (6-3). Сепак, двете грешки во нападот придонесоа противникот веднаш да се приближи на 6-5, по што Раул Гонзалес побара тајмаут. Талески погоди веднаш по минутата одмор, но европските прваци го најдоа посакуваниот ритам во нападот, па во 18. минута израмнија на 7-7. Капитенот Лазаров не го почна мечот како што посакуваше, па откако ја погоди гредата Германија набрзина казни на спротивната страна, преку Винчек за прво водство на натпреварот.
Следеше промашување на Георгиевски (трето во серија), Германија дојде и до 7-9, а потоа имавме исклучување за неправилна замена на голманот Ристовски. Противникот направи серија од 0-5, пред Талески по вторпат да го совлада Волф. Пред крајот на полувремето, при резултат 8-11 Раул во игра го уфрли и Миркуловски, заигравме „шест на шест“, а потоа Лазаров промаши и пенал при 9-11 со кој можевме да се вратиме целосно во мечот. Капитенот погоди во 28. минута (втор гол од осум обиди) за намалување на 11-12.
Прокоп зеде тајмаут, се одбранивме два пати во серија, но не успеавме да израмниме, па на одмор се заминува со минимална негатива од 11-12, со резултат и игра кој дава надеж дека ќе успееме да останеме непоразени и да го задржиме првото место во групата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА