Играше за ПСЖ и за Реал, сега е тренер-садист: Не им даваше вода на играчите, па доби отказ

Габриел Хајнце своевремено важеше за врвен дефанзивец, откако со успех го носеше дресот на Рома, Реал Мадрид, ПСЖ и Манчестер Јунајтед, но откако стана тренер Аргентинецот ја покажа и другата страна од својата личност.

Американските медиуми обелоденија дека Хајнце добил отказ од тимот на Атланта Јунајтед, како причина наведувајќи ги нечовечките методи на работа што ги наметнувал врз своите фудбалери.

Имено, тој им забранувал на фудбалерите да пијат вода и внесуваат било какви течности за време на тренинзите. Со оглед на фактот дека истите се одржувале при пеколни температури, реагирале и клупските лекари, но Хајнце останал дециден на својот став дека така се „челичат“ фудбалерите, воедно укинувајќи им ги и слободните денови што претходно најавил дека ќе им ги даде.

„Хајнце веќе не е тренер, но тоа е само почеток на неговите проблеми. Со своето однесување ги прекршуваше правата на играчите гарантирани со колективниот договор, што придонесе Здружението на фудбалери да поднесе жалба до лигата. Сите негови играчи беа ментално и физички исцрпени, неспособни да играат на високо ниво поради тортурата од тренерот. Ако лигата пресуди дека Аргентинецот е виновен, ќе му следи суспензија од сите можни функции во МЛС-лигата во наредните неколку години“, пишуваат американските медиуми.

Се вчитува...