Јувентус е на чекор до ново финале во Купот на Италија откако бранителот на трофејот вечерва славеше на првиот полуфинален дуел, на гостински терен против Аталанта со минимални 0-1. Игуаин го постигна голот за победа, но најзаслужен за триумфот беше Џанлуиџи Буфон, кој имаше неколку одлични интервенции, меѓу нив и одбранет пенал, за потврда на својата класа и неколку дена по прославата на 40. роденден.
Избраниците на Алегри фуриозно го почнаа натпреварот, Игуаин промаши убава шанса на самиот почеток, но Аргентинецот не згреши во третата минута, кога одлично втрча, мајсторски се ослободи од последниот дефанзивец на Аталанта и рутински ја смести топката во мрежата на домаќините.
Фудбалерите на Аталанта најубавата шанса ја пропуштија во 25. минута, кога беше досуден пенал за нив, но Буфон го запре ударот од белата точка на Гомез. За искусниот голман ова беше вкупно 20. одбранет пенал во кариерата, не вбројувајќи ги овде ударите во пенал-рулетите на клупски и на репрезентативен план.
Аталанта се обиде да стори нешто повеќе и во второто полувреме, но Јуве го исконтролира мечот до самиот крај, обезбедувајќи си минимална предност пред реваншот што „црно-белите“ ќе го играат на домашен терен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА