Игуаин кажа збогум на Аргентина: „Душманите“ нека се радуваат

Гонзало Игуаин денеска објави дека ја завршува својата репрезентативна кариера, откако не беше повикуван од страна на новиот селектор Лионел Скалони на последните натпревари на „гаучосите“.

„Ова е крај на мојот пат во репрезентацијта. Сметам дека ќе биде најдобро при секој список да не се споменува моето име, зошто ме нема и дали сум доволно добар да играм за репрезентацијата. Разговарав со селекторот и му го соопштив мојот став. Отсега ќе бидам навивач од трибините, се надевам дека многумина ќе бидат среќни, особено оние кои ме критикуваа“ – истакна напаѓачот на Челси.

Тој ја завршува репрезентативната кариера со 31 гол на 75 одиграни натпревари, а за жал највпечатливи се спомените од неговите промашувања во финалето на СП 2014 против Германија.

„Таков е животот на голгетерите, секогаш повеќе ви се паметат промашувањата отколку головите. Јас на тој Мундијал постигнав гол во четвртфиналето против Белгија и ја однесов Аргентина по долги, долги години во едно полуфинале на СП. Се случи тоа што се случи, за жал не дадов гол во големото финале, искрено ми е жал за моето семејство, тие патеа повеќе од мене по критиките што ги слушаа и читаа во периодот по тоа светско првенство“ – вели Игуаин.

Се вчитува...