Икарди, фудбалски градоначалник на Милано

Интер и Милан понудија фантастична фудбалска претстава, а на крајот славеа „нероаѕурите“ со 3-2 и ја продолжуваат потерата по Наполи, кој досега им стопроцентен ефект по осум одиграни кола во Серија А. Херој на Интер е капитенот Мауро Икарди, кој постигна хет – трик и го декласира градскиот ривал. Или ако сакате со денешен македонски речник, Икарди е фудбалскиот градоначалник на Милано, се до другите избори (следното „Дерби дела мадонина“).

Мауро Икарди во 28.минута на фантастичен начин реагираше на центаршутот на Кандрева и ја смести топката зад грбот на Донарума. На стартот на вториот дел, „росонерите“ израмнија преку Сусо во 56.минута, кој погоди во долниот десен агол од голот на Хандановиќ.

Но, Икарди повторно го доведе Интер во водство во 63.минута. И тоа не беше се, „миланезите“ не се предадоа, па Бонавентура израмни на 2-2 во 81.минута.

На крајот, сепак се радуваа „нероаѕурите“. Беше досуден пенал за Интер, Мауро Икарди ја зема топката и по третпат го надмудри Донарума.

Се вчитува...