Еден од најголемите православни празници, Велигден, оваа година ќе биде збогатен со јубилејниот 50-ти по ред ИКАС и Европскиот куп во спуст, а преубавата Матка ќе биде дом на над 70 домашни и странски кајакари.
По тој повод, во Агенцијата за млади и спорт се одржа прес – конференција на кои свое обраќање имаа директорот Каевски, претседателот на комитетот за слалом при Светската кајакарска федерација, Томислав Црнковиќ, претседателот на комитетот за слалом при КФМ, Димче Стефановски, и претседателот на Кајакарската федерација на Македонија Коста Ефтимов.
„Заложбата за поддршка на еден од најстарите спортски настани во југоисточна Европа останува и понатаму. Кајакарството во Македонија има традиција, резултат и претставува спорт кој освен спортските привилегии нуди и промоција на природните и културни вредности во Македонија“, изјави Каевски.
Преку 70 натпреварувачи од 14 земји во светот меѓу кои Словенија, Русија, Хрватска, во сабота ќе учествуваат на спустот и квалификациите за слалом, додека пак полуфиналните и финалните натпревари се во недела.
„Огромно задоволство е повторно да сме во Македонија, во земјата која има идеални услови за одржување на еден ваков спортски настан. Нашето пријателско партнерство со кајакарската федерација на Македонија продолжува и понатаму“, изјави Црнковиќ.
За техничките детали на трките, деталите околу тајмингот на натпреварите и бројот на учесници зборуваа претседателот на Комитетот за слалом при КФМ Димче Стефановски,и претседателот на Кајакарската федерација на Македонија Коста Ефтимов.
Вечерва во 19 часот е свеченото отворање во Музеј на град Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА