Брегалница во 10. коло од шампионатот, утре во Тетово, ја очекува дерби-пресметката против Шкендија, во натпревар за вистинско спортско надигрување. Шефот на стручниот штаб на штипските сини, Илчо Ѓорѓиоски, како што вели, не отстапува од својот офанзивен концепт на игра, но сигурно очекува и далеку повисока процентуална ефикасност во нападот.
Брегалница не беше надиграна од ниту еден противник на стартот од новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, но осамнаа три порази пред се поради лошата реализација во нападот која потоа најчесто се казнува од противниците. Штипјани се пласираа и во четвртфиналето од Купот на Македонија по победата од 1-0 против Пелистер, но и овој натпревар можеше да заврши далеку поубедливо ако беа искористени барем мал дел од бројните шанси создадени за 90 минути.
„Сигурно не отстапуваме од нашата филозофија на игра, а тоа е напаѓачки фудбал без разлика кој е противникот од спротивната страна. Така ќе биде и против Шкендија. Не може да искажам замерки за играчите од сработеното на терен, но останува уште, се чини, најголемиот проблем а тоа е реализацијата. Не можеме да бидеме задоволни од неефикасноста во нападот, но верувам дека на следните натпревари ќе биде многу подобро и од тој аспект“ – вели Ѓорѓиоски пред утрешниот дуел со Шкендија.
Натпреварот во Тетово ќе го суди најдобриот македонски судија, Александар Ставрев, а ќе му помагаат Дејан Костадинов од Скопје и Куштрим Лика од Кичево.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

