Илчо Ѓорѓиоски реизбран за претседател на ФФМ

Досегашниот прв човек на Фудбалската федерација на Македонијa, Илчо Ѓорѓиоски едногласно е реизбран на претседателската функција на ФФМ, со нов четиригодишен мандат до 2021 година.

На Собранието кое се одржа во хотелот „Александар Палас“ во Скопје Илчо Ѓорѓиоски беше единствен кандидат за нов претседател и со 91 глас, и ниту еден против го доби новиот мандат.

„Почитувани делегати и фудбалски работници. Ви благодарам за поддршката и во следните четири години да го водиме македонскиот фудбал, кој има со што да се гордее согласно сработеното изминативе години“ – истакна Ѓорѓиоски веднаш по изборот за старо-нов претседател.

Собранието на ФФМ едногласно го прифати извештајот на УО на ФФМ со кое е потврдено нелегитимно одржаното Собрание на ОФС Тетово, по кое од претходно беше отфрлена кандидатурата на Мирсад Јонуз за нов претседател на ФФМ.

Генералниот секретар на ФФМ, Филип Поповски го презентираше извештајот за досегашното исполнување на стратегискиот план за развој на македонскиот фудбал за период од 2016 до 2026 година.

Собранието на ФФМ, меѓу другото, го усвои финансискиот извештај и извештајот на независниот ревизор за 2016 година, а беше усвоен и буџетот на ФФМ за 2017 година. Усвоени се измени и дополнувања и во Статутот на ФФМ, при што албанскиот јазик е вметнат во новиот Статут како еден од јазиците за официјална комуникација во рамките на Фудбалската федерација. Овие промени во Статутот беа изгласани едногласно од страна на сите присутни 91 делегат во Собранието на ФФМ.

Се вчитува...