Поранешниот македонски репрезентативец Илчо Наумоски е нов тренер на австриски Мауерверк, клуб кој се натпреварува во Третата лига на Австрија.
38-годишниот Наумоски се одлучи да ја прифати понудата од амбициозниот австриски третолигаш, чиј сопственик е Египќанецот Мустафа Елнимр.
„Донесовме познато фудбалски име за Австрија како наш нов тренер. Се надевам дека ќе биде успешен и како тренер, како што беше како фудбалер“ – истакна Мустафа Елнимр по промоцијата на Наумоски за нов шеф на стручниот штаб на клубот.

Наумоски на клупата на Мауерверк доаѓа на местото на 46-годишниот Игор Јовиќ. Во својата фудбалска кариера Илчо Наумоски се прослави како фудбалер на австриските ГАК Грац и Матерсбург, а беше незаменлив повеќе од десет години и во нападот на македонската репрезентација.
Претходно, во својата тренерска кариера Илчо Наумоски работеше и во познатата академија на Шангај СИПГ во Кина, во координација со славниот австриски репрезентативец Пол Шарнер. Беше дел од стручниот штаб и на српскиот суперлигаш Динамо Врање, а го водеше и тимот на Локомотива во Македонија, од каде сега продолжува како тренер во Австрија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

