Илчо Наумоски избран за тренер на полусезоната во Австрија (ФОТО)

Поранешниот македонски репрезентативец Илчо Наумоски е избран за тренер на полусезоната во Регионалната лига – Исток во Австрија.

Наумоски изминатава есен одбележа одлични резултати на чело на Мауерверк кој полусезоната ја заврши на третата позиција во Регионалната лига – Исток, трето по ранг натпреварување во Австрија, привлекувајќи го вниманието кон себе на целокупната австриска фудбалска јавност.

Пред почетокот на сезоната Мауерверк воопшто не беше вбројуван меѓу екипите кои ќе се борат за врвот на табелата и промоција во второлигашката конкуренција во Австрија, но предводен од Наумоски по 16 кола заврши  на третото место со само четири бода зад второпласираниот ТВЛ Електра.

„Пред стартот сите не отпишуваа. Никој не веруваше во нас! Но ние чекориме сигурно кон целта иако се уште е далеку за нас. Честитики за тренерот Илчо Наумоски“ – објави Мауерверк.

Очекувано задоволство од изборот, кој е согласно мислењето на највлијателните медиуми од Австрија

„Навистина малку кој очекуваше и веруваше пред почетокот на сезоната дека ќе бидам избран за тренер на полусезона во лигата. Изненадивме многумина, па не е никаква тајна дека веќе се активира интересот од голем број реномирани екипи од Австрија, но и од надвор. Честа и задоволството се големи затоа што признанието доаѓа во изборот на највлијателните спортски медиуми како и фудбалските работници од Австрија“ – вели Наумоски за ЕКИПА.

Дел од тимот на полусезоната се и двајца фудбалери на Мауерверк. Дел од Мауерверк е и поранешниот голман на Вардар, Петар Јаневски, но и младиот дефанзивец, 20-годишниот Уран Незироски.

Се вчитува...