Шон Дајш, менаџерот на Барнли, смета дека вакцинирањето на фудбалери и членови на персоналот против коронавирус е единствениот безбеден начин да се продолжи натпреварувањето во Премиер лигата.
Англиското фудбалско првенство во последниот период бележи голем број на заболени играчи од КОВИД-19, а тоа предизвика и откажување на натпреварите предвидени според распоредот од календарот за 2021-та година.
„Мислам дека вакцинирањето мора да се направи што е можно побрзо. Многу пари се трошат на постојано тестирање на играчи. Вакцинацијата ќе овозможи парите дадени за тестови да се користат на многу подобар начин. Секако, не мислам дека фудбалерите имаат приоритет пред здравствените работници или старите лица, но очекувам тоа да се реши во најкус можен рок “, рече Дајш.
Во моментов, во Премиер лигата, сите фудбалери се тестираат двапати неделно. Цената на тестирањата е вкупно околу пет милиони фунти.
Доколку нема вакцинација, се’ погласни се играчите и тренерите за тоа како фудбалот во Англија барем за момент треба да запре. Кевин Мекдоналд, играчот за врска на Фулам, рече дека играчите се третираат како „глинени гулаби“, додека Греам Потер, менаџерот на Брајтон, истакна дека „фудбалот не е прашање на живот и смрт“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

