Само по три одиграни натпревари од есенското првенство во единствената Втора лига на Македонија и трите порази против Детонит (0-1) и Караорман (0-2) во гости и на свој терен против Кожув (0-2), новиот второлигаш Вардар од Неготино остана без тренер бидејќи шефот на стручниот штаб Љупчо Димитковски-Гањо поднесе оставка. Поради временскиот теснец за да се ангажира нов тренер, екипата на гостувањето против Охрид, во четвртото коло ја водеше неговиот помошник Миланчо Мојсов, кој имаше успех и Вардар ја забележа првата победа во новото првенство од 3-2.
Меѓутоа, Мојсов е само времено решение бидејќи Вардар е во потрага по нов тренер. Веќе имаше разговори со неколку познати тренери, за ден два ќе биде познато кој ќе биде новиот шеф на стручниот штаб.
„Победата и првите три освоени бодови на стартот на новото првенство многу значат за екипата, за играчите за да ја вратат довербата и да можат помирно, без психолошко оптоварување да играат во потрага по нови бодови“, ни изјави спортскиот директор на Вардар од Неготино, Бојан Илиев, притоа дополнувајќи:
„Три години се боревме да се вратиме од Третата во Втората лига, каде мислам дека ни е местото за да дозволиме да испаднеме само по една сезона и повторно да се мачиме да се вратиме во неа. По одиграните четири кола имаме само три бода, а мислам дека можевме да имаме и повеќе. Интересно е да се каже дека на сите четири средби (со Детонит, Кожув, Караорман и Охрид) беа досудени четири пенали против нас, на сите четири натпревари по еден. Што е многу, многу е, но тоа е вистината. Сега ни останува да ангажираме нов тренер, да се подготвиме за наредниот меч со ФК Скопје и да се обидеме да освоиме нови три бода“.
М.Мицковиќ
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА