Блокотехна ја заврши својата дебитантска сезона од клупското постоење со пораз во полуфиналната серија со МЗТ Скопје. Тимот од Гевгелија на стартот од сезонава го презеде местото во елитата на Радовиш, за уште од самиот почеток да покаже огромен потенцијал. Блокотехна долго време се наоѓаше на второто место на табелата, на крајот заврши како третопласирана, а во плејофот по голема битка капитулираше пред актуелниот шампион. Покрај тоа, клубот од Гевгелија имаше и успешно учество во БИБЛ-лигата, каде беше дел од фајналфор турнирот што се одржа во Самоков, Бугарија.
„Севкупно гледано Блокотехна во својата прва сезона од постоењето ги надмина очекувањата. Од самиот старт цел ни беше да поставиме темели за еден стабилен тим, а успеавме да оствариме и резултати на кои дефинитивно сме горди. Ни недостигаше малку за да можеме да го изненадиме и МЗТ Скопје, но тоа разочарување никако не може да ги стави во сенка сите оние добри резултати што ги остварувавме со месеци наназад. Целокупниот впечаток е позитивен, игравме одлична кошарка, ги победивме најмалку по еднаш речиси сите противници. Како тренер сакам да се заблагодарам на сите кошаркари за добрите игри и залагањето, како и на управата што ни овозможи беспрекорни услови за работа“ – изјави тренерот Марјан Илиевски.
Договорите на сите кошаркари истекуваат на крајот од сезонава, а управата на клубот ќе настојува да ги задржи играчите кои беа дел од оваа екипа во изминатите месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА