Илиевски: Ги корегиравме грешките од куп-финалето и заслужено победивме

Марјан Илиевски има причина за задоволство откако Блокотехна вечерва го декласираше Работнички со 19 поени разлика (82-63), нанесувајќи му го на актуелниот првак најубедливиот пораз во последните две години. За Блокотехна ова беше идеален начин за реванш кон Работнички по загубеното финале во Купот на Македонија минатиот месец во Гевгелија.

„Сметам дека победата е апсолутно заслужена бидејќи одигравме одлично и во нападот и во одбраната. Ги корегиравме грешките од куп-финалето, заигравме на едно повисоко ниво и успеавме да го исконтролираме противникот, како во рекетот, така и во шутевите од далечина. Слична подготовка имавме и за финалето од Купот на Македонија, но тогаш поради краткото време имаше некои пропусти кои денеска не ги дозволивме и на крајот заслужено триумфиравме“ – изјави Илиевски.

Блокотехна во втората сезона од своето постоење стигна до историскиот прв трофеј во БИБЛ-лигата, играше куп-финале, а со денешната победа направи уште еден чекор напред за втора година по ред да игра и во плеј–офот.

„Оваа победа значи и речиси сигурен пласман во плеј-офот, што беше наша првична цел на почетокот од сезонава. Ако се гледа севкупно, мора да се биде задоволен, од трофејот во БИБЛ и од целокупниот напредок во нашиот клуб. Продолжуваме со напорна работа, фокусирани на предизвиците што се пред нас до крајот на сезонава“ – истакнува стратегот на Блокотехна.

Се вчитува...