Марјан Илиевски имаше причина за задоволство откако стигна до првата официјална победа како селектор на Македонија. Триумф што не значеше пласман на СП 2027, но покажа бројни позитивни работи во македонскиот национален тим како најава за подобро утре.
„Сакам да им честитам на моите играчи бидејќи цело време зборувавме дека има и карактер и квалитет, дека им недостига само искуство. Денеска тие на сите им покажаа дека можат да одиграат еден меч во висок тимски дух, ќе функционира и нападот и одбраната на едно повисоко ниво. Она што го кажав и на почетокот, дека нас ќе не краси таа транзиција, денеска го покажавме тоа, дадовме многу поени по добра одбрана… го анлуриавме и проблемот во скок-играта. Во целиот овој период покажува дека имавме напредок во однос на работите кои во многу кратко време се запознаваа. За се е потребно време, верувам дека ние ќе напредуваме како што ќе доаѓаат наредните натпревари. Ние како стручен штаб добро знаеме што работиме, она што сме го зацртале и ќе продолжиме по нашиот пат. Им благодарам и на оние кои се критичари и кои ни даваат мотив плус. Повторно би сакал да упатам апел до клубовите играчите кои ја красат оваа репрезентација, да добиваат шанса во своите екипи“, изјави Илиевски на денешната прес-конференција.
Следен предизвик за националниот тим ќе бидат претквалификациите за Евробаскет 2029, каде „црвено-жолтите“ ќе треба да ја минат првата пречка на патот до остварување на големиот сон – пласман на едно Европско првенство по пауза од 2015 година.
„Во ноември пред нас е нов циклус, кога ќе имаме само два дена пред првите натпревари, многу е важно овие играчи да добијат во меѓувреме минутажа во своите клубови. Ние го продолжуваме овој процес, се надевам дека ќе бидеме добро сфатени за овој апел бидејќи тоа е единствен начин да се оди напред. Благодарност до сите играчи, до членовите на стручниот штаб, минавме еден прекрасен мотивирачки период, никој не се штедеше во ниту еден тренинг, верувавме едни во други и тоа е она што ќе биде случај и во иднина. Секој тренер секогаш сака да има поширок ростер, вратата за никого не е затворена, но јас сум горд на овие момци. Кога би можел пак да го изберам истиот пат, без размислување би прифатил повторно од почеток да работам со оваа групна на играчи и тренери, на кои сум им благодарен на сработеното во целиот овој период. Не ја разбирам оваа победа еуфорично, ова е победа на хемијата и на потенцијалот што го имаат нашите играчи, заокруживме циклус со триумф што сигурно ќе значи за секој спортист што е на почеток на нешто. Победивме квалитетен ривал од кого загубивме убедливо на првиот меч, верувам дека сме на добар и верувам дека овие играчи ќе продолжат да даваат резултат“, оптимист е за иднината македонскиот селектор.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

