ЕКИПА во Самоков,
Стеван Цаневски, Роберт Спасовски
Стратегот на Блокотехна, Марјан Илиевски, не можеше да го сокрие разочарувањето по поразот во полуфиналето од БИБЛ-лигата од Левски. Македонскиот претставник одигра одлично во поголемиот дел од мечот, но немаше сили да го издржи темпото до самиот крај, пред се поради минималната минута на Ѓуроски и Бенџамин, кои поради повреда не беа во можност да го дадат својот максимум.
„Не може да не се биде разочаран во една ваква ситуација. Игравме одлична кошарка, моите играчи изгинаа на теренот и заслужија да победат. Штета што снемавме сила во финишот, тоа е логично кога моравме да играме само со пет-шест играчи, откако ионака кратката ротација ни беше дополнително намалена со повредите на уште двајца кошаркари. Не бевме надиграни од страна на противникот, но на крајот пресуди подолгата клупа што ја имаше Левски“ – изјави Илиевски.
Сега следи уште потежок дел од работата, оној мал број на играчи да се рехабилитира и физички и психолошки за утрешниот натпревар за третото место, против поразениот од дуелот Рилски спортист – Башкими.
„Навистина ќе биде тешко. Товарот падна врз мал број на играчи кои се на работ на силите, а до тој утрешен дуел има помалку 24 часа. Тешко е да се вратат физички, но и психолошки по овој денешен исцрпувачки дуел што заврши разочарувачки за нас. Како и да е, ќе сториме се за да славиме утре и со победа да го завршиме овосезонскиот настап во БИБЛ“ – вели стратегот на Блокотехна.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА