Илиевски: Не смееме да летнеме во облаци, со ист рецепт по нова победа над Работнички

Четвртфиналната серија меѓу Пелистер и Работнички продолжува денеска со дуелот во „Боро Чурлевски“ закажан во 19 часот. „Пелистерци“ имаат негатива од 1-2 по првите три средби, но импресивната игра на последниот меч на кој противникот беше демолиран со 101-77 ја крена атмосферата во тимот, каде сега постои верба дека може да се стигне и до целосен триумф во оваа четвртфинална серија.

Именувањето на Дејан Илиевски за нов тренер се покажа како вистински потег, битолчанецот веднаш успеа да го извлече максимумот од екипата, која ги покажа своите квалитети и без многу проблеми стигна до победата.

„Она што беше клучно беше енергијата. Излеговме на терен желни за игра, да ги покажеме своите квалитети… Од кошаркарски аспект, имавме лесни поени од транзиција и игравме колективно, со многу асистенции, тоа е она што ни недостигаше на првите две средби, но овојпат одигравме на највисоко ниво од тој аспект, од самиот почеток наметнавме темпо и стигнавме до заслужена победа. Она што треба сите да го знаат, затоа што сме победиле еден меч, макар и така убедливоо, не смееме да летнеме во облаци. Фактичката ситуација останува иста, во негатива сме од 1-2 и немаме право на грешка до крајот на оваа серија. Затоа, мораме да продолжиме да работиме напорно, да се бориме 40 минути бидејќи само таквиот пристап може да ни го донесе резултатот што сите го посакуваме“, порачува Илиевски. 

Се вчитува...