Владо Илиевски нема да ги менува клупските бои до крајот на оваа натпреварувачка сезона, продолжувајќи да го носи дресот на Работнички и во следните неколку месеци. Раководството на Работнички успеа да го убеди Илиевски на залезот од кариерата да се врати во татковината и да заигра за клубот од „Градски парк“, но првичниот договор беше потпишан до крајот на декември 2016 година.
Сепак, двете страни беа задоволни од соработката, Илиевски експресно се промовираше во лидер на екипата, а воедно и самиот кошаркар одлично се вклопи во односите со поранешните репрезентативни колеги, како и со екс-селекторот Марин Докузовски.
Во една таква ситуација, дури и во периодот кога финансиите претставуваа голем проблем во Работнички искусниот кошаркар во ниту еден момент не помисли на менување на клупските бои, искажувајќи решеност да остане дел од тимот од „Градски парк“ најмалку до крајот на годинава. Во меѓувреме финансиската состојба на Работнички полека, но сигурно се консолидира, се најавуваат и поквалитетни засилувања, кои заедно со Илиевски сигурно би придонеле овој клуб повторно да се бори за највисок пласман на домашната кошаркарска сцена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА